Манастир “Свети Гаврил Лесновски”


Манастир “Свети Гаврил Лесновски” со соборен храм “Свети Архангел Михаил” – Лесново. Тел. 032/800-138

Игумен Дамаскин (Богдановски) - старешина на Лесновскиот манастир, роден на 17. 07. 1974 година, студент на Богословскиот факултет во Скопје. Ракоположен за јероѓакон на 07. 08. 1999 година од

Митрополитот Брегалнички Стефан, за јеромонах на 05. 01. 2000година од Архиепископот Охридски и македонски Стефан, а произведен за игумен на 05. 01. 2007 година од Архиепископот Стефан.


Во составот на манастирското братство има уште двајца јеромонаси, двајца монси, еден јероѓакон и искушеници.

Лесновскиот манастир зазема значајно место во македонската црковна, национална и културна историја. Уште од своето основање, големата Лесновска лавра, со своите многубројни параклиси и скитови, станала расадник на многу нови светилници на Православната црква, почнувајќи од светиот преподобен Гаврил Лесновски, па сè до епископот Гаврил Светогорец, чие тело почива до самиот манастир и од страна на САС на МПЦ е поведена постака за канонизирање за светител, кој со својот богоугоден и свет живот и со своите огнени молитви го осветлувале, огревале и утврдувале нашиот македонски народ во љубовта и верата Христова и се грижеле за негово национално и верско опстојување.

Според најстарото пролошко житие на свети Гаврил Лесновски, кое што го напишал Станислав Граматик во 1330 година, оваа света обител потекнува некаде од 11 век, а го основал самиот св. Гаврил Лесновски и го посветил на Свети Архангел Михаил. Околу манастирот се подигнати бројни свети места – помали манастири, параклиси, испосници и скитови, кои биле во функција на познатата препишувачка лесновкска книжевна школа. Подоцна тие во време на Османлиското ропство биле разрушени. Во историско-книжевниот текст “Изјаснително писание” напишано веднаш по опширното житие на свети Гаврил се спомнуваат четири испосници во околината на манастирот, во кои се подвизувал свети Гаврил Лесновски, кои и до денес се сочувани, а во една од нив, која е посветена на свети пророк Илија, според житието и службата на свети Гаврил, преподобниот поминал 30 годни од својот испоснички живот. Возобновен е во 1341 година од Деспот Јован Оливер. Фрескоживописот е завршен во 1347 година најверојатно од четворица зографи. Иконостасот е во длабока резба од 1811-1814, прво дело на тајфата на Петре Филиповски – Гарката.

Метох на Лесновскиот Манастир е женскиот манастир посветен на Светиот Спиридон Чудотворец на седум километри од Зетово на патот за новата брана Кнежино.

манастир Свети Спиридон Чудотворец, метох на Лесновскиот манастир

image