Светите Отци за покајанието

 

Што е покајанието според учењето на светите отци?

„Отвори ми ја вратата на покајание Животодавче...!“

Почнуваме од учењето на светите отци за покајанието, затоа што од покајанието за порано сторените гревови и почнува новиот, вистински побожен живот на секој христијанин, уште и затоа што покајанието, како подвиг на побожен живот преку кој од Бога се измолува прошка за сите поранешни гревови, често непотполно и неправославно се сфаќа, не само од страна на оние што се каат, туку и од оние што се подготвени да раководат со другите на тој спасоносен пат.

 

„Покајанието е обнова на крштението“, вели свети Јован Лествичник. „Покајанието е ветување на Бог дека ќе се води нов живот. Покајанието е помирување со Господа по пат на извршување добри дела, спротивни на претходните гревови. Покајанието е очистување на совеста“ (Лествица, Слово 5). „Како благодат на благодат – вели преподоебн Исаа Сириски – на луѓето по крштението им е дадено покајанието, затоа што тоа е втор препород од Бога. И тој дар, чиј залог го примивме преку верата (во светото крштение), со покајанието го примаме во полна мерка“ (Слово 83).

 

Суштината на подвигот на покајанието

 

Под покајание, како наравствено совршенство и голем подвиг во побожниот живот, светите отци не подразбираат делумно очистување на гревовната совест при исповед, туку нејзино постојано испитување и трајно повикување на милосрдието Божјо, проследено со постојана потиштеност  на срцето заради сторените беззаконија. „Покајанието е – вели свети Јован Лествичник – доброволна самоосудувачка  мисла. Покајникот е посрамен осуденик. Покајникот е човек кој самиот си изрекува казна. Покајанието е доброволно трпење на сите маки. Покајанието е постојано одрекување од телесните утехи. Покајанието е силно измачување на стомакот и смирување на душата со силно чувство“ (Лествица, 5 поука).

 

Неопходност од секојдневно покајание

 

Неопходноста од покајание како непрестано очистување на гревовите на совеста е очигледна за секого. Ако во Царството Божјо, според зборовите во Светото Писмо, нема да влезе ништо нечисто (Откр. 21, 27), и бидејќи важи примедбата: Кој од нас, исчистен од нечистотија, макар и еден  ден поживеал на земјата – тогаш како да не се плашиме од зборовите на Судијата Кој сè гледа: „Ако не се покаете, сите така ќе изгинете“ (Лука 13, 3)? „Покајанието е врата на милоста – вели преподобен Исаак – која им се отвора на оние што понизно ја бараат. Низ таа врата влегуваме во милоста Божја. Без овој влез, нема да најдеме милост. Сите, според зборовите на божественото писмо, згрешија...но ќе бидат оправдани преку дар, со Божјата благодат“ (Рим. 3, 23-24) (Сл. 83).

Почеток и граница на покајанието

 

Преподобен Исаак Сириски вака го одредува целиот круг на дејноста на подвижничкото покајание: „Покајанието е втора благодат и се раѓа во срцето од вера и страв. Стравот е родителски стап кој управува со нас, додека не ги достигнеме добрата на духовниот рај, а кога ќе ги достигнеме, тогаш нè остава и се повлекува. Рајот е љубов Божја во која има насладување со сите блаженства“ (Сл. 83). „Покајанието е кораб, стравот е негов кормилар, а љубовта е божестевено пристаниште. Затоа стравот (од праведна казна за гревовите), тој кој нè воведува на коработ на покајанието, нè превезува по смрдливото море на животот и нè управува кон божественото пристаниште кое е љубов. Кон ова пристаниште доаѓаат сите што се уморни и натоварени со покајание. И кога веќе сме дојдени до љубовта, сме Го достигнале Бога, нашиот пат е завршен и ние сме веќе дојдени на островот на тамошниот мир каде што се Отецот, Синот и Светиот Дух“ (Сл. 83).

 

Како почнува и со што се подржува спасоносното покајание?

 

Покајанието – како што учи преподобен Исаак, се раѓа од вера во праведниот Наградодавач, и се побудува со стравот од неминливиот суд Божји и заслужените маки. Грешникот се вџашува од страшниот удел одреден за непокаените и се решава да се обрати од власта на сатаната, кон Бога, својот Отец. Еве што тогаш, според описот на преподобен Ефрем Сириски, се случува во душата на човекот, кој почнува да се кае:

1. „На нечестивите, односно на оние кои што не веруваат, ѓаволот не им дава да се предомислат, покажувајќи им ја суровоста на покајанието. А покајанието, гледајќи го неговото лукавство, доаѓа умилно и вели: ,Вие само сетете се на Бог, а јас ќе се потрудам за вас. Претставете си го во умот Неговото милосрдие, и јас ќе се заложам за вас со воздишки. Само малку воздивнете, грешници, во покајание и јас ќе ве направам Божји слуги. И пророк Исаија рекол: Ако останевте на местото и мирувавте, ќе се спасевте (Иса. 30, 15). Еве, зборува покајанието – ти наведувам доказ од словото Божјо, само покај се’. Ако оној што згрешил, воздивне – продолжува светиот отец – со воздишките од него ќе замине и бремето што му го натоварила змијата. По олеснувањето на умот, тој ја оттргнува од себе и маглата на незнаење, душевното око станува јасно и наскоро покајанието ќе ја води душата кон спасение.“ Значи, воздивката од длабочината на душата е почеток на спасоносното покајание.

2. „Тогаш грешникот нема само да воздивнува – продолжува преподобен Ефрем – туку со голема тага ќе лее и солзи. Зошто? Бидејќи душата, по долга одделеност од Бога, гледајќи Го како Отец, се побудува на леење солзи. Бидејќи конечно Го видела Родистелот, таа лее солзи и ја стекнува Божјата наклонетост. Тогаш таа сака Татковски благослов и се чисти од сè, до што ја довела змијата.“ Тие солзи на срдечна потиштеност, не се солзи на погубен очај, туку слатки солзи на умиление на душата, која се вратила кај Бога. „Сеќавањето на Бога – објаснува преподобниот Ефрем – ги наведува грешниците на воздивнување. Меѓутоа, Давид вели: ,Го спомнувам Бога и воздивнувам’ (Псалм. 76, 3). Така и покајниците се радуваат, бидејќи се ослободија од уздата на змијата“ (Слово 99. За поакајанието).

3. Откако, оние што се каат, врз себе ја испитале големината на Божјото милосрдие, откако вкусиле од сладоста на Татковската љубов Божја (која, заборавајќи на сите прегрешенија на блудните синови, слично на евангелскиот Татко (сп. Лука 15, 20), здогледувајќи ги уште од далеку, потрчал, ги прегрнал и бакнал), откако добиле незаслужена прошка од Бога, тие самите се казнуваат за поранешните прегрешенија, за предавството на толку, со љубов обилниот Отец, за нечувствителноста и неблагодарноста кон дарежливиот Цар и Бог. „Она што за другите е незгодно и непријатно – вели свети Лествичник - , тоа е нормално и сосема прифатливо за оние, кои паднале од висините на доблестите и на духовно богатство. Бидејќи, кога душата ќе се лиши од поранешната смелост пред Бога, кога ќе ја загуби надежта дека ќе постигне бестрастие или кога ќе го скрши печатот на невиноста, кога ќе дозволи нејзината ризница на благодат да биде ограбена и кога ќе се оттуѓи од божествената утеха, кога Законот Божји ќе го наруши и изгасне убавиот пламен на душевни солзи – тогаш таа, вознемирена и болно прободувана од сеќавање на сето тоа, ако во неа се задржало само малку од искрената љубов или од стравот Господов, не само што со сето срце ќе се предаде на горе спомнатите маки, туку ќе се труди и себеси побожно да се умртви со подвиг“ (Сл. 5). Во таква состојба на тежок срам  пред лицето на најмилостивиот Отец небесен, Кого Го повредиле и натажиле со своите беззаконија, при страшното напаѓање на совеста која се разбудила, оние што се каат, се предаваат на секакви жртви за умилостување на Бога и се осудуваат себеси  на најнапорни подвизи, како да сакаат да го надокнадат загубеното време поминато во заблуда. Впрочем, треба да се забележи дека светите отци не ги заповедуваат тие разни подвизи на покајание, туку врз себе ги превземаат самите покајници, и тие повеќе треба да служат како израз  на покајничкиот дух, а не како казна за поранешните гревови. „Кој Го љуби Христа како што треба – вели свети Јован Златоуст – не може да претрпи да остане неказнет, макар Христос и да му прости. Бидејќи, да Го ожалостиш Него, само по себе претставува најголема казна. На оној што љуби, не му е тешко што заради ожалостувањето на Љубениот ќе претрпи некакво зло, туку потешко од сè му е токму тоа што Го повредил Љубениот... Така и ние треба да расудуваме и горко да плачеме заради тоа што толку неблагодарно Го ожалостуваме својот Доброчинител“.