Почеток и граница на покајанието

Почеток и граница на покајанието

Преподобен Исаак Сириски вака го одредува целиот круг на дејноста на подвижничкото покајание: „Покајанието е втора благодат и се раѓа во срцето од вера и страв. Стравот е родителски стап кој управува со нас, додека не ги достигнеме добрата на духовниот рај, а кога ќе ги достигнеме, тогаш нè остава и се повлекува.

Рајот е љубов Божја во која има насладување со сите блаженства“ (Сл. 83). „Покајанието е кораб, стравот е негов кормилар, а љубовта е божестевено пристаниште. Затоа стравот (од праведна казна за гревовите), тој кој нè воведува на коработ на покајанието, нè превезува по смрдливото море на животот и нè управува кон божественото пристаниште кое е љубов. Кон ова пристаниште доаѓаат сите што се уморни и натоварени со покајание. И кога веќе сме дојдени до љубовта, сме Го достигнале Бога, нашиот пат е завршен и ние сме веќе дојдени на островот на тамошниот мир каде што се Отецот, Синот и Светиот Дух“ (Сл. 83).