Како почнува и со што се подржува спасоносното покајание?

Како почнува и со што се подржува спасоносното покајание?

Покајанието – како што учи преподобен Исаак, се раѓа од вера во праведниот Наградодавач, и се побудува со стравот од неминливиот суд Божји и заслужените маки. Грешникот се вџашува од страшниот удел одреден за непокаените и се решава да се обрати од власта на сатаната, кон Бога, својот Отец. Еве што тогаш, според описот на преподобен Ефрем Сириски, се случува во душата на човекот, кој почнува да се кае:



1. „На нечестивите, односно на оние кои што не веруваат, ѓаволот не им дава да се предомислат, покажувајќи им ја суровоста на покајанието. А покајанието, гледајќи го неговото лукавство, доаѓа умилно и вели: ,Вие само сетете се на Бог, а јас ќе се потрудам за вас. Претставете си го во умот Неговото милосрдие, и јас ќе се заложам за вас со воздишки. Само малку воздивнете, грешници, во покајание и јас ќе ве направам Божји слуги. И пророк Исаија рекол: Ако останевте на местото и мирувавте, ќе се спасевте (Иса. 30, 15). Еве, зборува покајанието – ти наведувам доказ од словото Божјо, само покај се’. Ако оној што згрешил, воздивне – продолжува светиот отец – со воздишките од него ќе замине и бремето што му го натоварила змијата. По олеснувањето на умот, тој ја оттргнува од себе и маглата на незнаење, душевното око станува јасно и наскоро покајанието ќе ја води душата кон спасение.“ Значи, воздивката од длабочината на душата е почеток на спасоносното покајание.

2. „Тогаш грешникот нема само да воздивнува – продолжува преподобен Ефрем – туку со голема тага ќе лее и солзи. Зошто? Бидејќи душата, по долга одделеност од Бога, гледајќи Го како Отец, се побудува на леење солзи. Бидејќи конечно Го видела Родистелот, таа лее солзи и ја стекнува Божјата наклонетост. Тогаш таа сака Татковски благослов и се чисти од сè, до што ја довела змијата.“ Тие солзи на срдечна потиштеност, не се солзи на погубен очај, туку слатки солзи на умиление на душата, која се вратила кај Бога. „Сеќавањето на Бога – објаснува преподобниот Ефрем – ги наведува грешниците на воздивнување. Меѓутоа, Давид вели: ,Го спомнувам Бога и воздивнувам’ (Псалм. 76, 3). Така и покајниците се радуваат, бидејќи се ослободија од уздата на змијата“ (Слово 99. За поакајанието).

3. Откако, оние што се каат, врз себе ја испитале големината на Божјото милосрдие, откако вкусиле од сладоста на Татковската љубов Божја (која, заборавајќи на сите прегрешенија на блудните синови, слично на евангелскиот Татко (сп. Лука 15, 20), здогледувајќи ги уште од далеку, потрчал, ги прегрнал и бакнал), откако добиле незаслужена прошка од Бога, тие самите се казнуваат за поранешните прегрешенија, за предавството на толку, со љубов обилниот Отец, за нечувствителноста и неблагодарноста кон дарежливиот Цар и Бог. „Она што за другите е незгодно и непријатно – вели свети Лествичник - , тоа е нормално и сосема прифатливо за оние, кои паднале од висините на доблестите и на духовно богатство. Бидејќи, кога душата ќе се лиши од поранешната смелост пред Бога, кога ќе ја загуби надежта дека ќе постигне бестрастие или кога ќе го скрши печатот на невиноста, кога ќе дозволи нејзината ризница на благодат да биде ограбена и кога ќе се оттуѓи од божествената утеха, кога Законот Божји ќе го наруши и изгасне убавиот пламен на душевни солзи – тогаш таа, вознемирена и болно прободувана од сеќавање на сето тоа, ако во неа се задржало само малку од искрената љубов или од стравот Господов, не само што со сето срце ќе се предаде на горе спомнатите маки, туку ќе се труди и себеси побожно да се умртви со подвиг“ (Сл. 5). Во таква состојба на тежок срам  пред лицето на најмилостивиот Отец небесен, Кого Го повредиле и натажиле со своите беззаконија, при страшното напаѓање на совеста која се разбудила, оние што се каат, се предаваат на секакви жртви за умилостување на Бога и се осудуваат себеси  на најнапорни подвизи, како да сакаат да го надокнадат загубеното време поминато во заблуда. Впрочем, треба да се забележи дека светите отци не ги заповедуваат тие разни подвизи на покајание, туку врз себе ги превземаат самите покајници, и тие повеќе треба да служат како израз  на покајничкиот дух, а не како казна за поранешните гревови. „Кој Го љуби Христа како што треба – вели свети Јован Златоуст – не може да претрпи да остане неказнет, макар Христос и да му прости. Бидејќи, да Го ожалостиш Него, само по себе претставува најголема казна. На оној што љуби, не му е тешко што заради ожалостувањето на Љубениот ќе претрпи некакво зло, туку потешко од сè му е токму тоа што Го повредил Љубениот... Така и ние треба да расудуваме и горко да плачеме заради тоа што толку неблагодарно Го ожалостуваме својот Доброчинител“.