Освет на црквата „Св. беср. Козма и Дамјан“ во кругот на Клиничката болница во Штип

image

Освет на црквата „Св. беср. Козма и Дамјан“ во кругот на Клиничката болница во Штип

На 28. 10. 2018 година, 22 – ра Недела по Педесетница, преп. 40 Битолски нмч - ци, преп. мч. Лукијан Антиохиски, Неговото Блаженство Митрополит Скопски, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г. г. Стефан, заедно со Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион, во сослужение на свештеници од МПЦ - ОА, во годината кога МПЦ – ОА ја одбележува 1 000 годишнината на Охридската архиепископија, како и Јубилејот 60 години од возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ, ја освети новоизградената прва црква во Источна Македонија посветена на „Св. беср. Козма и Дамјан“ во кругот на Клиничката болница во Штип, и отслужи Света Архиерејска Литургија. Градежните работи на храмот се од средства од Брегалничката епархија, а комплетно внатрешно и надворешно уредување е донација и организација на семејството Росенгрен – Томас и Марија од Стокхлом, Шведска, како и со помош од други православни верници.

За оваа Богоугодно дело, Неговото Блаженство г. г. Стефан, го одликуваше семејството Росенгрен – Томас и Марија од Стокхлом, Шведска, со златен орден со ликот на „Св. Николај Мирликијски Чудотворец“, Патрон и Заштиник на Брегалничката епархија. На крајот од Светата Архиерејска Литургија содражајна беседа произнесе Неговото Блаженство г. г. Стефан и на сите помагатели и дарители им се заблагодари за несебичната помош на овој прекрасен Православен Македонски Божји бисер. На чинот осветување присуствуваше многуброен народ меѓу кои и Градоначалникот на Општина Штип г. Благоја Бочварски.