Парохиска црква “Вознесение Христово” – Карбинци. Во составот на ова парохија се селата: Карбинци, Караорман, Таринци, Радање, Аргулица, Црвулево и Козјак.

Парохиски свештеник Добрица Јанев, ул. “Џемаил Бједиќ” бр. 19-1/11, Штип, тел. 032/393-417; 070/377-497; е-маил [email protected]; роден на 19. 06. 1973 година во Штип, каде и завршил основно и средно образование. Дипломирал на Богословскиот факултет на МПЦ во Скопје. Ракоположен во ѓаконски чин на 28. 08. 2001 година, а за свештеник на 11. 09. 2002 од Митрополитот Дебарско-кичевски и администратор Повардарски г. Тимотеј. Црква “Вознесение Христово” – Карбинци. Изградена и осветена е во 1876 година. Не е познато од кого е осветена. Иконите се од 19 век и од 1905 година од непознат автор.

Параклис “Свети вмч. Димитриј” – Таринци. Времен објект изграден до темелите на старата црква, која е срушена за време на турското ропство, а во блиска иднина на старите темели ќе се гради нова црква.

Црква “Свети Кирил и Методиј” - Радање. Изградена и осветена 1929 година. Нема податоци од кого е осветена.

Црква “Свети пророк Илија” (во изградба) – Аргулица. Камен темелник е поставен на 02. 08. 1998 година од Митрополитот Брегалнички г. Стефан. Изградбата е во завршна фаза.

Црква “Свети вмч. Ѓорѓи” – Козјак. Една од најстарите цркви во РМ, од рано средновековен период во целост сочувана. Изградена е во 9 и 10 век и се споменува како парохиски центар во рамките на Мородвиска епископија. На ѕидовите е констатиран фрескоживопис во три слоја, од кои последниот е од 12 до 14 век, а на најстариот слој сочувни се старословенски графити. Со точни податоци за градбата и осветувањето не располагаме.

Манастир “Света Петка” – Калаузлија. Мала црква изградена во 20 век и осветена на 05. 05. 1989 година од Митрополитот Брегалничк г. Стефан. Во непосредна близина на 04. 08. 2001 година, од Митрополитот Агатангел е поставен камен темелник за изградба на нов манастир.

Параклис “Свети Ѓорѓи – Вртешка. Изграден е 2005 година од донатори од Штип и истата година е извршено мало осветување. Фрескоживописот е дело на зографот Златанов од Скопје.

Манастир “Свети Гаврил Лесновски” со соборен храм “Сети Архангел Михаил” – Лесново. Тел. 032/800-138

Игумен Дамаскин (Богдановски) - старешина на Лесновскиот манастир, роден на 17. 07. 1974 година, студент на Богословскиот факултет во Скопје. Ракоположен за јероѓакон на 07. 08. 1999 година од Митрополитот Брегалнички Стефан, за јеромонах на 05. 01. 2000 година од Архиепископот Охридски и македонски Стефан, а произведен за игумен на 05. 01. 2007 година од Архиепископот Стефан.

Во составот на манастирското братство има уште двајца јеромонаси, двајца монси, еден јероѓакон и искушеници.

Лесновскиот манастир зазема значајно место во македонската црковна, национална и културна историја. Уште од своето основање, големата Лесновска лавра, со своите многубројни параклиси и скитови, станала расадник на многу нови светилници на Православната црква, почнувајќи од светиот преподобен Гаврил Лесновски, па сè до епископот Гаврил Светогорец, чие тело почива до самиот манастир и од страна на САС на МПЦ е поведена постака за канонизирање за светител, кој со својот богоугоден и свет живот и со своите огнени молитви го осветлувале, огревале и утврдувале нашиот македонски народ во љубовта и верата Христова и се грижеле за негово национално и верско опстојување.

Според најстарото пролошко житие на свети Гаврил Лесновски, кое што го напишал Станислав Граматик во 1330 година, оваа света обител потекнува некаде од 11 век, а го основал самиот св. Гаврил Лесновски и го посветил на Свети Архангел Михаил. Околу манастирот се подигнати бројни свети места – помали манастири, параклиси, испосници и скитови, кои биле во функција на познатата препишувачка лесновкска книжевна школа. Подоцна тие во време на Османлиското ропство биле разрушени. Во историско-книжевниот текст “Изјаснително писание” напишано веднаш по опширното житие на свети Гаврил се спомнуваат четири испосници во околината на манастирот, во кои се подвизувал свети Гаврил Лесновски, кои и до денес се сочувани, а во една од нив, која е посветена на свети пророк Илија, според житието и службата на свети Гаврил, преподобниот поминал 30 годни од својот испоснички живот. Возобновен е во 1341 година од Деспот Јован Оливер. Фрескоживописот е завршен во 1347 година најверојатно од четворица зографи. Иконостасот е во длабока резба од 1811-1814, прво дело на тајфата на Петре Филиповски – Гарката.

Манастир “Свети Спиридон Чудотворец”, метох на Лесновскиот манастир, сега во обнова и изградба. Основан е некаде во 12-13 век, а целосно е запустен во периодот по Втората светска војна. Се наоѓа покрај Злетовска река, на 7 км од Злетово, во близина на селото Зелениград. Храмот во манастирот е веќе обновен и живописан од Драган Ристески од Охрид и Лазар Лечиќ (Војводина) во 2006 година и оваа јубилејна година треба да биде осветен.

Манастир “Свети великомаченик Ѓеорѓиј”, метох на Лесновскиот манастир, се наоѓа во местото Глобица покрај Злетовска река, во близина на с. Ратавица. Изграден е во 20 век. Кога и од кој архиереј е осветена нема податоци.

Параклис “Свети Наум Охридски” – Лесново. Со благослов на Митрополитот Брегалнички Стефан, изградбата е започната, за време на игуменот на Лесновската обител еромонахот Иларион, и истиот е осветен на 05. 01. 1999 година од Митрополитот Брегалнички Стефан. Иконите и фрескоживописот се од 1998 година од Драган Ристевски и Лазар Лечиќ.